Oбука за Европски принципи и стандарди за судска контрола врз примената на посебните истражни мерки од страна на полицијата и разузнавачките служби, 08-09.11.2023, Скопје

image-20231108-091600-58c1408f

Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“ Скопје во соработка со ДЦАФ – Женевскиот центар за управување со безбедносниот сектор, а во рамките на потпишаниот Договор за соработка, на 08 и 09 ноември 2023 во Скопје, организираа обука за Европски принципи и стандарди за судска контрола врз примената на посебните истражни мерки од страна на полицијата и разузнавачките служби.

Обуката беше наменета за слушателите запишани во 8-та генерација на почетна обука на Академијата.

Целта на обуката беше да им овозможи на студентите да се запознаат со европските принципи, стандарди и добри практики во кривичните истраги, собирање информации и проценка на докази.

Обуката ја отвори директоркат на Академијата, проф. д-р Наташа Габер Дамјановска која се заблагодари на соработката со ДЦАФ и укажа на значењето на темата и важноста од размена на знаења и експертиза со меѓународни експерти од областа на кривичното право, приватноста и разузнавањето.

Предавачи на обуката беа Сунчана Роксандиќ, професор на Правен факултет, Универзитет во Загреб, Хрватска, Алеш Залар, поранешен судија и Министер за правда, Словенија, Питер Гридлинг, виш експерт за разузнавање, Австрија и Кимо Хаконен, Омбудсман за разузнавање, Финска, кои имаат големо познавање на европската јуриспруденција и богато практично искуство во кривични истраги и спроведување на посебни истражни мерки. Модератори на сесиите беа претставниците од ДЦАФ: Теодора Фујор, ДЦАФ Женева и Кире Бабаноски, ДЦАФ Скопје.

Во текот на сесиите се разговараше за правните стандарди и принципи утврдени од Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) во врска со употребата на посебните истражни мерки (ПИМ) во контекст на двете основни права гарантирани со Европската конвенција за човекови права (ЕКЧП): Право на приватен живот (член 8 од ЕКЧП) и Право на правично судење (член 6 од ЕКЧП).

Притоа, предавачите се осврнаа на улогата на правосудството како главен заштитник против злоупотреби на ПИМ и принципите и правните стандарди кои треба да ги насочуваат правосудните практичари

Во текот на сесијата посветена на практичните предизвици во обезбедувањето успех на кривичните истраги и отчетност при користењето на ПИМ, предавачите се осврнаа на низата современи предизвици со кои се соочуваат органите на кривичниот прогон, правните професионалци и судовите во контекст на кривичните истраги, собирањето докази и правните постапки, со специфичен фокус на прашања поврзани со дигиталната технологија и разузнавачките информации. Во таа насока беа споделени научените лекции од Австрија, а се дискутираше и за (не)допуштеност на доказите во дигитален контекст.

Во рамките на обуката беше организирана и панел дискусија за европските трендови, предизвици и добри пракси, чија цел беше да ги охрабри учесниците критички да ги испитаат предизвиците во обезбедувањето отчетност при користењето ПИМ и да ги разгледаат потенцијалните решенија и најдобри практики во областа на кривичното право и постапката. Посебно се разговараше за критичните аспекти во управувањето со безбедносниот сектор: рамнотежата помеѓу националната безбедност и заштитата на граѓанските слободи, добрите практики во надзорот над законитоста на разузнавачките активности и нивната употреба на интрузивни методи за собирање информации, како и за импликациите на стандардите на ЕСЧП за развојот на националните политики, правната рамка и судската практика.

Слушателите имаа можност да работат на практична вежба, преку соочување на нивните аргументи, поделени во улога на судии, обвинители или бранители. Вежбата им даде можност на слушателите да ги анализираат и применат принципите на ЕСЧП поврзани со ПИМ во судската пракса, овозможувајќи им да ги разберат и да се справат со правните комплексности околу ПИМ, правото на приватен живот (член 8 од ЕКЧП) и правото на фер судење (член 6 од ЕКЧП). Вежбата поттикна критичко размислување, активно ангажирање, соработка и длабинска анализа на правните стандарди од страна на слушателите.