Обука на тема Гонење нa случаи нa корупција 6-7 декември 2018 хотел Арка
| 06/12/018
Новости за академијата
Академијата за судии и јавни обинители „Павел Шатев“, во соработка и со финансиска поддршка на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, организираше работилница на тема: „ Гонење на случаи на корупција“ што се одржува на 6-7 декември 2018 година (четврток-петок), во хотел Арка во Скопје.

На работилницата присуствуваат јавни обвинители од сите апелациони подрачја и претставници од правосудната полиција.Со воведно обраќање настанот го отвори: Проф. д-р Наташа Габер Дамјановска, директор на Академијата за судии и јавни обвинители ,,Павел Шатев’’ и г. Џефри Голдстајн, заменик шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје. На настанот свое излагање имаат г. Бенџамин Рид, шеф на одделот за право и правда, Одделение за заедници и човекови права, Мисија на ОБСЕ на Косово и г. Дејвид Џонатан Копли, консултант и експерт на темата.
Директорката на Академијата го изрази своето задоволство што Академијата учествува во организацијата на еден ваков настан, на тема која веќе подолг временски период е актуелна, значајна и бара континуирано внимание и работа а тоа е корупцијата. Воедно, истакна дека со организацијата на вакви настани се покажува посветеноста на Република Македонија во ефикасното спроведување на борбата против корупцијата.
Ефикасната борба против корупција и нејзина превенција е високо позиционирана и во постојан фокус на Република Македонија, па оттука, директорката изрази благодарност до Мисијата на ОБСЕ како и на експертите кои ја поддржаа оваа обука, бидејќи ова е еден од најефикасните начини да се пренесат позитивните практики и да се разменат компаративни искуства.
Предавачите говореа на значајни теми во врска со гонење на случаи на корупција, со посебен фокус на истражните техники, соработката со различни истражни органи и институции, спогодба за заедничка правна помош, градење на случај и оцена случај заради поднесување соодветни пријави.
Преку сценарија на случаи и практична работа, работилницата продолжува и на 7 декември 2018 година (петок).