Календар на Активности

GIZ

Проекти спроведени со поддршка на Германското друштво за меѓународна соработка (ГИЗ) во периодот 2008-2016 година

 

Во рамките на билатералниот проект за Економско правна реформа кој се реализираше во периодот 2008-2010 година со поддршка од Германското друштво за меѓународна соработка се обезбеди зајакнување на институционалните капацитети на Академијата за судии и јавни обвинители. Во рамките на проектот се развија четири модули за обука на правосудството, се спроведоа седум обуки од страна на четири меѓународни експерти и правни практичари и три национални експерти пришто беа обучени вкупно 180 судии и јавни обвинители од различните надлежни судови и обвинителства (основни судови, апелациони судови, Управен суд, Врховен суд). Со цел промовирање на улогата и надлежностите на правосудството пред општата јавност и подигање на јавната свест, проектот ја поддржа Академијата за судии и јавни обвинители во подготвување и уредување на првото стручно списание за правосудството “Јустиција”. „Јустиција“ имаше за цел да ја зајакне улогата на Академијата за судии и јавни обвинители и да го подобри компетентното, независно и професионално работење од страна на судиите и јавните обвинители. Во рамките на проектот претставници на Академијата за судии и јавни обвинители остварија студиска посета на Академијата за европско право во Трир, Германската правосудна академија во Трир, Европскиот суд на правдата и Европскиот институт за јавна администрација во Луксембург, разменија искуства и добри практики во обезбедувањето на специјализирани обуки и курсеви, како и ефективна организациска структура, професионален развој и надградба на капацитетите на нивните сопствени човечки ресурси. 

Во рамките на регионалниот проект „Прекугранична судска соработка во граѓански предмети“ кој се спроведе во периодот септември 2014-август 2016 година со поддршка од Германското друштво за меѓународна соработка, Отворен регионален фонд за Југоисточна Европа-Правна реформа, се зајакнаа капацитетите на обучувачите на правосудните академии од Западен Балкан во областа на судската соработка во граѓански предмети, меѓународното приватно право и методологиите за учење на возрасни. Ова беше остварено преку спроведување на обуки за обучувачи чии слушатели беа селектирани судии и претставници на Министерствата за правда од регионот. Во рамките на проектот беше развиен регионален модул за Меѓународно приватно право на Европската унија кој во иднина ќе биде вклучен како составен дел од Програмата за континуирана обука на судиите и јавните обвинители во Република Македонија.

Во рамките на регионалниот проект „Правна заштита од дискриминација во Југоисточна Европа“ кој се спроведе во периодот септември 2015-август 2016 година со поддршка од Германското друштво за меѓународна соработка, Отворен регионален фонд за Југоисточна Европа-Правна реформа се изготви  Регионална студија за антидискримиција која ги скицира правните, институционалните и граѓанските аспекти на борбата против дискриминацијата во земјите од Западен Балкан.  Со оваа студија се дава посебен осврт кон улогата на судовите во борбата против дискриминацијата и процедуралните аспекти во случаите на дискриминација, теми кои од повеќе аспекти се поврзани со секојдневната работа на правосудните академии во регионот.

 
Во фаза на формално одобрување е регионалниот проект „Зајакнување на регионалната соработка помеѓу правосудните академии во земјите од Западен Балкан“ со поддршка од Германското друштво за меѓународна соработка, Отворен регионален фонд за Југоисточна Европа-Правна реформа предвиден да се спроведува во периодот јануари 2017-октомври 2018 година. Со проектот се предвидува развивање на регионален модул за обука по право на ЕУ, регионален модул за Обука за обучувачи по методологии и вештини, формирање на регионална база на обучувачи кои предаваат на правосудните академии во регионот, размена на искуства и судска пракса со Европскиот суд за човекови права во Стразбур и родово сензитивизирање на судиите од регионот преку подготовка на Прирачник за родово сензитивизиран пристап за решавање на случаите на родово базирано насилство во земјите од Западен Балкан.