Календар на Активности

Вовед во GRECO

Групата држави против Корупцијата (ГРЕКО)

http://www.coe.int/t/dghl/monitoring/greco/default_en.asp

 

ВОВЕД ЗА ГРЕКО


Борбата против корупцијата: приоритет за Советот на Европа

Уште од дамнина, корупцијата е еден најраспространетите и најподмолните општествени зла. Кога вклучува јавни службеници и избрани застапници, таа е непријател на управувањето со јавните работи. Уште од крајот на XIX век, на неа се гледа како на главна закана во приватната сфера, која ја поткопува вербата и довербата неопходна за одржување и развој на одржливи економски и социјални односи. Се проценува дека секоја година се плаќа мито во висина од стотици милијарди евра.

Советот на Европа постои за да ја поддржува и унапредува плуралистичката демократија, човековите права и владеењето на правото, и е предводник во борбата против корупцијата, која претставува закана за самите темели на овие клучни вредности. Како што е нагласено во Кривично-правната конвенција, корупцијата му се заканува на владеењето на правото, демократијата и човековите права, ги поткопува доброто владеење, правичноста и социјалната правда, ја искривоколчува конкуренцијата, го попречува економскиот развој и ја доведува во опасност стабилноста на демократските институции и моралните темели на општеството.

Пристапот на Советот на Европа во борбата против корупцијата отсекогаш бил мултидисциплинарен и се состои од три меѓусебно поврзани елемента: поставување на европски норми и стандарди, мониторирање на усогласеноста со стандардите, и градење капацитет што им се нуди на поединечни земји и региони, преку програми за техничка соработка.

Советот на Европа има развиено поголем број разнообразни правни инструменти кои третираат прашања како што се криминализација на корупцијата во јавниот и приватниот сектор, одговорност и компензација за штета настаната поради корупцијата, однесување на јавни службеници и финансирање на политички партии. Овие инструменти имаат за цел подобрување на капацитетот на Државите за борба против корупцијата дома, но и на меѓународен план. Мониторирањето на усогласеноста со овие стандарди ѝ е доверено на Групата држави против Корупцијата, ГРЕКО.

 

Што е ГРЕКО?

Групата држави против Корупцијата (ГРЕКО) е основана во 1999 година од страна на Советот на Европа заради мониторирање на усогласеноста на Државите со анти-корупциските стандарди на организацијата.

Целта на ГРЕКО е подобрување на капацитетот на нејзините членки за борба против корупцијата преку мониторирање на нивната усогласеност со анти-корупциските стандарди на Советот на Европа низ еден динамичен процес на взаемна евалуација и притисок од страна на колеги. Помага да се идентификуваат недостатоци во националните анти-корупциски политики, поттикнувајќи неопходни законодавни, институционални и практични реформи. ГРЕКО воедно обезбедува платформа за споделување на најдобрите практики во превенцијата и откривањето на корупцијата.

Членството во ГРЕКО, кој претставува проширен договор, не е ограничено на Земји членки на Советот на Европа. Секоја Држава која учествувала во елаборацијата на проширениот делумен договор, може да му се приклучи така што ќе го извести Генералниот секретар на Советот на Европа. Згора на тоа, секоја Држава која ќе стане потписничка на Кривично-правната или Граѓанско-правната конвенција за корупцијата автоматски му пристапува на ГРЕКО и неговите евалуациски постапки. Во моментов, ГРЕКО е составен од 49 Земји членки (48 европски држави и Соединетите Американски Држави).

Функционирањето на ГРЕКО се одвива согласно неговиот Статут и Правилник. Секоја Земја членка наименува до два претставника кои учествуваат на пленарните сесии на ГРЕКО со право на глас; секоја членка воедно му доставува на ГРЕКО список на експерти кои се на располагање за да земат учество во евалуациите на ГРЕКО. Другите тела на Советот на Европа можат исто така да наименуваат претставници (на пр. Парламентарното собрание на Советот на Европа). ГРЕКО им додели статус на набљудувачи на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) и на Обединетите нации – претставени преку Канцеларијата на Обединетите нации за дрога и криминал (УНОДЦ). ГРЕКО избира Претседател, Заменик претседател и членови на своето Биро кои играат важна улога во осмислувањето на работната програма на ГРЕКО и во супервизијата над евалуациските постапки.

Статутарниот комитет на ГРЕКО е составен од претставници во Комитетот на Министри на Земјите членки кои му се приклучиле на ГРЕКО и од претставници посебно назначени од другите членки на ГРЕКО. Тој е надлежен за усвојување на буџетот на ГРЕКО. Воедно е овластен да дава јавни изјави, доколку смета дека некоја членка не презема задоволителни активности во однос на препораките кои ѝ се упатени.

Статутот на ГРЕКО дефинира основна (мастер) постапка, која може да се адаптира на различните правни инструменти кои се разгледуваат.


ГРЕКО, кој има седиште во Стразбур, е потпомогнат од Секретаријат, на чие чело се наоѓа Извршен секретар, кого го обезбедува Генералниот секретар на Советот на Европа.

 

Како работи ГРЕКО

ГРЕКО ги мониторира сите свои членки на рамноправна основа, низ еден динамичен процес на взаемна евалуација и притисок од страна на колеги. Механизмот на ГРЕКО осигурува совесно придржување до начелото на еднаквост на правата и обврските меѓу своите членки. Сите членки учествуваат во и себе си се подвргнуваат без ограничувања на постапките на взаемна евалуација и усогласеност.

Мониторирањето на ГРЕКО се состои од:
„хоризонтална“ евалуациска постапка (сите членки се евалуираат во рамки на еден Евалуациски круг), која води до препораки кои имаат за цел унапредување на неопходните законодавни, институционални и практични реформи;
постапка за усогласување наменета за оценување на мерките преземени од членките за имплементација на препораките.

ГРЕКО работи во циклуси: евалуациски кругови, од кои секој покрива специфични теми. Првиот евалуациски круг на ГРЕКО (2000–2002) ги третираше независноста, специјализацијата и средствата кои им се на располагање на националните тела вклучени во превенцијата на и борбата против корупцијата. Исто така ги третираше степенот и опфатот на имунитет на јавните службеници од затворање, гонење, итн. Вториот евалуациски круг (2003–2006) се фокусираше врз идентификацијата, запленувањето и конфискацијата на приходите од корупцијата, превенцијата и откривањето на корупцијата во јавната администрација и спречувањето правните лица (корпорациите, итн.) да се користат како штит за корупцијата. Третиот евалуациски круг (отпочнат во јануари 2007 година) ги третира (a) инкриминациите предвидени во Кривично-правната конвенција за корупцијата и (б) транспарентноста на партиското финансирање.

Евалуацискиот процес следи една добро дефинирана постапка, каде ГРЕКО назначува експертски тим за евалуација на една определена членка. Анализата на состојбите во секоја земја се спроведува врз основа на пишани одговори на прашалник и информации собрани за време на состаноци со јавни службеници и претставници на граѓанското општество во текот на посетата на земјата. По посетите спроведени во самата земја, експертскиот тим подготвува нацрт извештај кој ѝ се доставува на проучуваната земја за коментари пред конечно да му се поднесе на ГРЕКО за испитување и усвојување. Заклучоците од евалуациските извештаи можат да наведат дека законодавството и практиката се усогласени – или не се усогласени - со одредбите кои се проучуваат. Заклучоците можат да водат кон препораки кои бараат акција во рок од 18 месеци или кон забелешки за кои од членките се бара да ги земат предвид, но не се бара формално да поднесат извештај за нив во последователната постапка за усогласување.

Една од предностите на мониторирањето на ГРЕКО лежи во тоа што имплементацијата на препораките се испитува во постапката за усогласување. Оценувањето на прашањето дали една препорака е имплементирана на задоволителен начин, е делумно имплементирана, или не е имплементирана, се базира врз извештај за состојбите, со приложена придружна документација поднесена од страна на членката, која се проучува 18 месеци по усвојувањето на евалуацискиот извештај. Во случај каде нема усогласување на сите препораки, ГРЕКО ќе ги преиспита преостанатите препораки во рок од дополнителни 18 месеци. Извештаите за усогласеност и адендумите кои истите усвоени од страна на ГРЕКО воедно содржат генерален заклучок за имплементацијата на препораките, чија цел е да се одлучи дали да се прекине постапката за усогласување во однос на односната членка. На крај, Правилникот на ГРЕКО предвидува посебна постапка, заснована на еден прогресивен пристап, заради постапување со членките за чиј одговор на препораките ГРЕКО смета дека егенерално незадоволителен.

Евалуациите на ГРЕКО

Взаемна евалуација
Евалуациските постапки на ГРЕКО вклучуваат собирање на информации преку прашалник(ци), посети на самите земји кои им овозможуваат на евалуациските тимови да обезбедат понатамошни информации за време на дискусии на високо ниво со клучни национални фактори, и пишување на евалуациски извештаи. Овие извештаи, кои се испитуваат и усвојуваат од страна на ГРЕКО, содржат препораки за евалуираните земји со цел тие да го подобрат своето ниво на усогласеност со одредбите кои се разгледуваат. Мерките преземени заради имплементација на препораките потоа се оценуваат од страна на ГРЕКО во посебна постапка за усогласеност.

Четврти евалуациски круг

Отпочнување: 1-ви јануари 2012

Евалуација и Извештаи за усогласеност

Прашалник

Трет евалуациски круг

Отпочнување: 1-ви јануари 2007

Евалуација и Извештаи за усогласеност

Прашалници

Општи информации и материјал за обука

Упатства за Евалуатори


Втор евалуациски круг

Отпочнување: 1-ви јануари 2003

Евалуација и Извештаи за усогласеност

Прашалник

Одредби кои се евалуираат


Прв евалуациски круг

Отпочнување : 1 јануари 2000

Евалуација и Извештаи за усогласеност

Прашалник

Одредби кои се евалуираат