Календар на Активности

Статут на ГРЕКО

Статут на ГРЕКО   Анекс кон Резолуцијата (99) 5  

 

Член 1 – Целта на ГРЕКО

Целта на Групата држави против корупцијата (во понатамошниот текст „ГРЕКО“) е подобрување на капацитетот на нејзините членки во борбата против корупцијата преку следење, низ еден динамичен процес на взаемна евалуација и притисок од колеги, на усогласувањето со нивните обврски на ова поле.

Член 2 – Функциите на ГРЕКО

За да се постигне целта зацртана во Член 1, ГРЕКО:

1. ќе го мониторира придржувањето кон Водечките начела за борба против корупцијата усвоени од страна на Комитетот на Министри на Советот на Европа на 6-ти ноември 1997 година.

2.ќе ја мониторира имплементацијата на меѓународните правни инструменти кои се усвојуваат заради спроведување на Програмата за акција против корупцијата, во согласност со одредбите содржани во таквите инструменти.

Член 3 - Седиште

Седиштето на ГРЕКО ќе биде во Стразбур.

Член 4 – Постапка за членство во ГРЕКО

1. Секоја земја членка на Советот на Европа, покрај оние наведени во Резолуцијата со која се воспоставува ГРЕКО, може да му се приклучи на ГРЕКО во било кој момент, така што за тоа ќе го извести Генералниот секретар на Советот на Европа.

2. Било која земја која не е членка, а која учествувала во елаборирањето на овој Проширени делумен договор може да му се приклучи на ГРЕКО во било кој момент, така што за ова ќе го извести Генералниот секретар на Советот на Европа. Известувањето ќе биде придружено со декларација со која се изјавува дека земјата која не е членка се обврзува да ги применува Водечките начела за борба против Корупцијата, усвоени од страна на Комитетот на Министри на Советот на Европа на 6-ти ноември 1997 година.

3. Државите кои стануваат страни потписнички во меѓународните правни инструменти усвоени од страна на Комитетот на Министри на Советот на Европа заради спроведување на Програмата за акција против корупцијата кои бараат задолжително членство во ГРЕКО, ќе станат членки на ГРЕКО ipso facto во согласност со одредбите содржани во овие инструменти.

4. Комитетот на Министри на Советот на Европа во состав ограничен на Државите членки на Проширениот делумен договор, по консултации со земјите кои не се членки а кои веќе учествуваат, може да покани земји кои не се членки, покрај оние покриени со став 2 погоре, да му се приклучат на ГРЕКО. Земјите кои не се членки а кои добиле таква покана, ќе го известат Генералниот секретар за своите намери да му се приклучат на ГРЕКО, што ќе биде придружено со декларација со која се изјавува дека земјата се обврзува да ги применува Водечките начела за борба против Корупцијата.

Член 5 – Учество на Европската Заедница

Европската Заедница може да добие покана од Комитетот на Министри да учествува во работата на ГРЕКО. Модалитетите на нејзиното учество ќе се утврдат во резолуцијата со која се поканува да учествува.

Член 6 - Составот на ГРЕКО

1. Секоја членка ќе наименува делегација во ГРЕКО која се состои од не повеќе од два претставника. Еден претставник ќе биде наименуван за шеф на делегација.

2. Буџетот на Проширениот делумен договор ќе ги покрива патните и дневните трошоци за еден претставник од делегацијата.

3. Претставниците наименувани во ГРЕКО ќе ги уживаат привилегиите и имунитетот применлив согласно Член 2 од Протоколот кон Општиот договор на Советот на Европа за привилегии и имунитет.

Член 7 – Други претставници

1. Европскиот комитет за правна соработка (European Committee on Legal Co-operation - CDCJ) и Европскиот комитет за проблеми со криминалот (European Committee on Crime Problems - CDCJ) ќе наименуваат по еден претставник во ГРЕКО.

2. Комитетот на Министри може да покани други тела на Советот на Европа да наименуваат претставници во ГРЕКО откако за тоа ќе го консултира ГРЕКО.

3. Статутарниот комитет, воспоставен според Член 18 подолу, ќе наименува претставник во ГРЕКО.

4. Претставниците наименувани согласно став 1 до став 3 погоре, ќе учествуваат на пленарните сесии на ГРЕКО без право на глас. Нивните патни и дневни трошоци нема да бидат покриени од буџетот на Проширениот делумен договор.

Член 8 – Дејноста на ГРЕКО

1. ГРЕКО ќе ги донесува неопходните одлуки за своето делување. Особено:

1.усвојува евалуациски извештаи во согласност со Член 15;
2.ја одобрува својата нацрт годишна програма на активности и ќе поднесува, во согласност со Финансиските регулативи, предлози до Генералниот секретар на Советот на Европа во врска со елаборирање на нацрт годишниот буџет, пред неговото доставување до Статутарниот комитет воспоставен согласно Член 18 подолу;
3.го одобрува својот годишен извештај за активностите, вклучувајќи ги и годишните сметки, пред неговото поднесување со Статутарниот комитет и до Комитетот на Министри;

2. ГРЕКО ќе одржува најмалку две пленарни сесии годишно и може да одлучи да воспостави работни групи секогаш кога тоа ќе биде неопходно а во согласност со својот Деловник.

3. ГРЕКО секоја година ќе го објавува својот годишен извештај за активности вклучувајќи ги своите годишни сметки, откако тој ќе биде одобрен од страна на релевантните тела согласно Член 18 подолу.

4. ГРЕКО ќе подготви свој сопствен Деловник. Секоја држава на Европската Заедница, штом ќе стане членка на ГРЕКО, ќе се смета дека го прифатила овој Статут и Деловникот на ГРЕКО.

5. ГРЕКО ќе ги држи своите состаноци зад затворени врати.

6. Членките на ГРЕКО кои учествуваат во взаемна евалуација имаат право на глас. Секоја од нив има право да даде еден глас. Освен доколку Статутарниот комитет не одлучи поинаку, членка која воопшто не го платила или не платила значителен дел од својот задолжителен прилог во буџетот на Проширениот делумен договор во период од две години, веќе нема да учествува во процесот на донесување одлуки.

7. Одлуките на ГРЕКО се донесуваат со двотретинско мнозинство од дадените гласови и мнозинство на овие со право на глас. Процедуралните одлуки се донесуваат со мнозинство од дадените гласови.

8. ГРЕКО избира свој Претседател и Потпретседател од претставниците на членките со право на глас.

Член 9 - Биро

1. Ќе се воспостави Биро составено од Претседателот и Потпретседателот наведени во Член 8 став 8 погоре и пет други лица избрани од ГРЕКО, од редот претставници на членките со право на глас кои се, доколку е можно, Страни потписнички на барем еден од меѓународните правни инструменти усвоени заради спроведување на Програмата за акција против корупцијата.

2. Бирото ќе ги извршува следниве функции:

- подготвува прелиминарна нацрт годишна програма на активности и нацрт годишен извештај за активностите;
- дава предлози до ГРЕКО во врска со прелиминарниот нацрт буџет;
- организира посети на земјите врз основа на одлуките донесени од страна на ГРЕКО;
- дава предлози до ГРЕКО за составот на ад хок Евалуациските тимови;
- ја подготвува агендата за сесиите/состаноците на ГРЕКО вклучувајќи ги и оние на кои се дискутираат евалуациски извештаи;
- дава предлози до ГРЕКО во однос на одредбите кои ќе се одберат за евалуациските постапки заради спроведување на Член 10 став 3 подолу;
- дава предлози до ГРЕКО во врска со наименување на научни експерти и консултанти.

 

3. Бирото ќе извршува други функции доделени од страна на ГРЕКО.

4. Бирото ќе ги извршува своите функции под општа супервизија на ГРЕКО.

Член 10 - Евалуациска постапка  

1. ГРЕКО ќе спроведува евалуациски постапки во однос на секоја своја членка заради спроведување на Член 2.

2. Евалуацијата ќе биде поделена на кругови. Еден евалуациски круг го преставува временскиот период утврден од страна на ГРЕКО, за време на кој ќе се спроведе евалуациска постапка заради оценување на усогласувањето на членките со одбрани одредби содржани во Водечките начела и во други меѓународни правни инструменти усвоени заради спроведување на Програмата за акција против корупцијата.

3. На почетокот на секој круг, ГРЕКО ќе ги одбере посебните одредби на кои ќе се базира евалуациската постапка.

4. Секоја членка ќе идентификува најмногу 5 експерта кои ќе бидат во состојба да ги извршат задачите зацртани во Членовите 12-14.

5. Секоја членка ќе се погрижи нејзините власти да соработуваат, до најголем можен степен, во евалуациската постапка, во рамки на ограничувањата на домашното законодавство.

Член 11 - Прашалник

1. ГРЕКО ќе усвои прашалник за секој евалуациски круг, кој ќе им се достави на сите членки засегнати со евалуацијата.

2. Прашалникот ја содржи рамката за евалуациска постапка.

3. Членките ќе му ги упатат своите одговори на Секретаријатот во рамки на роковите утврдени од страна на ГРЕКО.

Член 12 - Евалуациски тимови

1. ГРЕКО ќе назначи, од експертите посочени во став 4 од Член 10, тим за евалуацијата на секој член (во понатамошниот текст „тимот“). Ако евалуацијата се однесува на имплементација на еден од меѓународните правни инструменти усвоени заради спроведување на Програмата за акција против корупцијата, ГРЕКО ќе назначи тимови составени исклучиво од експерти предложени од членките кои се страни потписнички на односниот инструмент.

2. Тимот ќе ги испита одговорите дадени на прашалникот и може да побара, доколку е соодветно, дополнителни информации од членката која се евалуира, кои треба да се поднесат било усно било писмено.

3. Буџетот на  Проширениот и делумниот договор ќе ги покрива патните и дневните трошоци на експертите кои учествуваат во тимовите.

Член 13 - Посети на земјите

1. ГРЕКО може да му даде налог на тимот да посети некоја членка, заради барање дополнителни информации во врска со нејзините закони или практики, кои ќе бидат од полза за евалуацијата.

2. ГРЕКО ќе ѝ даде известување на засегнатата членка за својата намера да спроведе посета барем два месеца однапред.

3. Посетата ќе се спроведе во согласност со програма подготвена од страна на засегнатата членка, земајќи ги при тоа предвид желбите искажани од тимот.

4. Членовите на тимот ќе ги уживаат привилегиите и имунитетот применлив според Член 2 од Протоколот кон Општиот договор на Советот  на Европа за привилегии и имунитет.

5. Буџетот на Проширениот делумен договор ќе ги покрива патните и дневните трошоци неопходни за спроведување на посетите на земјите.

Член 14 - Евалуациски извештаи

1. Врз основа на собраните информации, тимот ќе подготви прелиминарен нацрт евалуациски извештај за состојбите со законите и практиките во врска со одредбите избрани за евалуацискиот круг.

2. Прелиминарниот нацрт извештај ќе се достави до членката која се евалуира за коментари. Тимот ќе ги земе предвид овие коментари при финализирањето на нацрт извештајот.

3. Нацрт извештајот ќе се поднесе до ГРЕКО.

Член 15 - Дискутирање и усвојување на извештаи

1. ГРЕКО ќе дебатира во пленарен состав за нацрт извештајот поднесен од страна на тимот.

2. Членката која се евалуира има право да поднесе до пленарната сесија забелешки по устен или писмен пат.

3. По завршувањето на дебатата, ГРЕКО го усвојува, со или без амандмани, извештајот кој се однесува на членката која се евалуира.

4. Сите членки имаат право да учествуваат во гласањето кое води до усвојувањето на евалуациските извештаи кои се однесуваат на примена на Водечките начела. Само членки кои се Страни потписнички на еден меѓународен правен инструмент усвоен заради спроведување на Програмата за акција против корупцијата имаат право да учествуваат во гласањето кое води кон усвојување на евалуациски извештаи за имплементација на односниот инструмент.

5. Евалуациските извештаи се доверливи. Освен доколку не се одлучи поинаку, пристапот до овие извештаи ќе се ограничи на членовите на тимот кој ја спровел евалуацијата, покрај членките на ГРЕКО, на Статутарниот комитет и на Секретаријатот на овие тела.

6. Извештајот на ГРЕКО може да содржи препораки упатени до членката која се евалуира со цел подобрување на домашните закони и практики заради сузбивање на корупцијата. ГРЕКО ќе ја покани членката да поднесе извештај за мерките преземени заради постапување по овие препораки.

Член 16 – Јавни соопштенија

1. Статутарниот комитет може да издаде јавно соопштение ако смета дека една членка е пасивна или не презема доволно активности во врска со почитување на препораките кои ѝ биле упатени во однос на примената на Водечките начела.

2. Статутарниот комитет, во состав ограничен на членки кои се страни потписнички во односниот инструмент, може да издаде јавно соопштение ако смета дека една членка е пасивна или не презема доволно активности во врска со препораките кои ѝ биле упатени во однос на имплементацијата на определен инструмент усвоен заради спроведување на Програмата за акција против Корупцијата.

3. Статутарниот комитет ќе ја извести засегнатата членка и ќе ѝ обезбеди можност да поднесе понатамошни коментари пред да ја потврди својата одлука да издаде јавно соопштение на кое се однесуваат став 1 и/или став 2 погоре.

Член 17 - Финансиски ресурси на ГРЕКО

1. Буџетот на ГРЕКО се финансира од годишните задолжителни прилози на неговите членки;

2. ГРЕКО може да добива дополнителни доброволни прилози од своите членови;

3. ГРЕКО може исто така да добива доброволни прилози од заинтересирани меѓународни институции;

4. Финансиските ресурси покриени со став 3 погоре зависат од одобрување на Статутарниот комитет пред истите да бидат прифатени.

3. Средствата на ГРЕКО се стекнуваат и чуваат во име на Советот  на Европа и како такви подлежат на привилегиите и имунитетот применливи на средствата на Советот согласно постојните договори.

Член 18 - Статутарен комитет

1. Статутарниот комитет е составен од претставници во Комитетот на Министри на Земјите членки на Советот на Европа кои се воедно членки на ГРЕКО и од претставници посебно назначени за таа цел од другите членки на ГРЕКО.

2. Статутарниот комитет ги утврдува секоја година задолжителните прилози на членките во ГРЕКО. Скалата според која се пресметуваат прилозите на земјите кои не се членки на Советот на Европа ќе се утврди во договор со Советот; како општо правило, таа скала ќе се прилагоди кон критериумите за утврдување на скалата на прилози во општиот буџет на Советот  на Европа.

3. Статутарниот комитет го усвојува секоја година буџетот на ГРЕКО за расходи поврзани со имплементацијата на програмата на активности и општите расходи на секретаријатот.

4. Статутарниот  комитет ги одобрува секоја година годишните сметки на ГРЕКО кои ќе се подготват од Генералниот секретар на Советот  на Европа во согласност со Финансиските регулативи на Советот на Европа и поднесат до Статутарниот  комитет придружени со извештај на Одборот на ревизори. За да се ослободи Генералниот секретар од одговорноста за управување со односната финансиска година, Статутарниот комитет ќе ги достави годишните сметки до Комитетот на Министри, заедно со своето одобрување или секакви коментари, и извештајот подготвен од страна на Одборот на ревизори.

5. Финансиските регулативи на Советот на Европа ќе важат, mutatis mutandis, за усвојувањето и управувањето со буџетот.

Член 19 - Секретаријат

1. На ГРЕКО ќе му помага Секретаријат обезбеден од Генералниот секретар на Советот  на Европа.

2. На чело на Секретаријатот на ГРЕКО се наоѓа Извршен секретар наименуван од Генералниот секретар на Советот  на Европа.

Член 20 - Амандмани

1. ГРЕКО или било која од неговите членки можат да предложат амандмани на овој Статут до Статутарниот  комитет.

2. Овој Статут може да се измени од страна на Статутарниот комитет со едногласна одлука. Доколку амандманот не е предложен од ГРЕКО, Статутарниот  комитет ќе се консултира со него.

Член 21 - Повлекување

1. Во зависност од применливите одредби од меѓународните правни инструменти спомнати во Член 2 став 2 погоре, било која членка може да се повлече од ГРЕКО со помош на декларација упатена до Генералниот секретар на Советот на Европа од страна на Министерот за надворешни работи или дипломатски претставник кој за оваа цел има добиено посебни овластувања.

2. Генералниот секретар ќе го потврди приемот на декларацијата и ќе ја извести засегнатата членка дека истата ќе се достави до Статутарниот  комитет.

3. По аналогија со Член 7 од Статутот на Советот на Европа, повлекувањето ќе стапи на сила:

- на крајот на финансиската година во која е соопштена, доколку соопштувањето е дадено во првите девет месеци на таа финансиска година;

- на крајот на следната финансиска година, доколку соопштувањето е дадено во последните три месеци на финансиската година.

4. Во согласност со Член 18 од Финансиските регулативи на Советот на Европа, Статутарниот комитет ќе ги испита финансиските последици од повлекувањето и ќе направи соодветни подготовки.

5. Генералниот секретар веднаш ќе ја извести засегнатата членка за последиците од нејзиното повлекување и ќе известува Статутарниот комитет за резултатите.