Календар на Активности

Република Македонија во ГРЕКО Комитетот

 

 

Анета Арнаудовска Шеф на Делегација на Република Македонија во ГРЕКО Комитетот при Совет на Европа

 

Групата држави против Корупцијата (ГРЕКО)


Групата држави против Корупцијата (ГРЕКО) е  Комитетот  на Совет на Европа, основан во 1999 година, кој  врши мониторирање на усогласеноста на државите со одредени анти-корупциските стандарди, воспоставени  во документите на  Совет на Европа, а кои се избрани да бидат предмет на оценка за секој посебен циклус на евалуација.

ГРЕКО, мониторирањето го врши низ еден динамичен процес на меѓусебно оценување  на државите и притисок од  фелата, а се состои од  евалуациска постапка која води до препораки и постапка за усогласување, наменета за оценување на мерките,  преземени од членките за имплементација на препораките.

 Оценувањето е во смисла  дали една препорака е имплементирана на задоволителен начин, делумно е имплементирана, или не е имплементирана.

Евалуациите на ГРЕКО  и  упатените препораки до државите, имаат конструктивна улога,  бидејќи целта е да се детектираат  недостатоците  во  домашната легислатива  и пракса во поглед на превенција и борба против корупцијата,  и преку користење на компаративните искуства со цел кај државите  да се  поттикнат  неопходните  законодавни, институционални и практични реформи, а првенствено во корист на граѓаните.

Според тоа, ГРЕКО нема механизам на санкции за непостапување по препораките, нивното исполнување се наметнува со силата на кредибилитетот и преземените обврски од документите, кои државата ги ратификувала и кон кои  пристапила како  членка  на Совет на Европа или на ГРЕКО. Но, предвидена е посебна постапка, за постапување со членките, за кои е утврден  општ заклучок  дека степенот на исполнување на   препораките е  “генерално незадоволителен“ спрема нив да се преземат мерки  на засилен мониторинг и акција.

Третиот евалуациски круг  е отпочнат во јануари 2007 годинаи  ги третира (a) инкриминациите предвидени во Казнената  Конвенција за корупција  (ЕТЦ 173) Цивилната Конвенција  за спречување  корупција (ЕТЦ 174), Дополнителниот протокол за Казнената Конвенција за корупција (ЕТЦ 191) на Советот на Европа  и (б) транспарентноста на партиското финансирање, согласно Препораката (2003)4 на Комитетот на Министрите за заедничките правила против корупција во финансирањето на политичките партии и изборните кампањи.

Во текот на Третиот круг на оценка  вкупно беа оценети  сите 49 држави, а усвоени  се Извештаите за усогласеност на 29 држави (во моментов), од кои некои се сеуште непубликувани (тајни).

Извештајот за  евалуација, во рамките на  Третиот круг на оценка за  Македонија, беше усвоен на  седницата на 22 март 2010 година, јавен станал во август 2010 година,  а Извештајот за усогласеност  е усвоен од ГРЕКО на седницата 20-23 март, со тоа што  конечниот текст беше доставен од секретаријатот во април, откога започна процедурата за негово  одобрување  од  страна на Владата на РМ.Извештајот е објавен на веб страницата  на ГРЕКО - www.coe.int/greco,  на 28.06.2012 година,  кога стана јавен документ, а дотогаш, согласно правилата на ГРЕКО,  извештајот има статус  на доверлив документ и  постои обврска за необјавување на било какви  информации содржани во извештајот.

Инаку, Република Македонија, досега успешно поминала низ два круга на евалуација. Вториот круг на евалуација се однесувал на усогласеност со селектирани теми и тоа примена на Водечкиот принцип 4 (одземање и конфискација на приносите од корупција), Принципот 19,  за врската помеѓу корупцијата и перење на пари/организиран криминал, за земјите кои ја ратификувале Кривичната Конвенција за корупција (ЕТС 173) и чл.19ст.3,13 и 23 од Конвенцијата,примената на Водечкиот принцип 9,  по однос на јавната администрација, Водечкиот принцип 5, за правните лица за земјите кои ја ратификувале Конвенцијата чл.14,18 и 19 ст.2.

При првиот круг на евалуација, била оценувана усогласеноста на државите со Водечкиот принцип 3 (во полгед на органите одговорни за превенција, истрага и пресудување на кривичните дела во врска со корупцијата, Водечкиот принцип 6, за лимитирање на имунитетот со цел за истрага, обвинување и пресудување на коруптивните кривични дела до степен нужен за демократското општество, Принципот 7 (за воведување на специјализација на лицата или телата надлежни за борба против корупција и нивна обука и развој)  

По однос на Република Македонија, предмет на евалуација беа степенот на усогласеност на кривичното законодавство во поглед на инкриминациите со определени одредби од  ККК, а во поглед на ФПП со одделни одредби од  Препораката 2003-4 на КМ за заедничките правила за спречување на корупција во ФПП и ИК.

За шеф на делегацијата на ГРЕКО за Република Македонија, од страна на Владата беше назначена  судијата Анета Арнаудовска, директор на Академијата за судии и јавни обвинители на Република Македонија во фебруари 2012 година и ја претставуваше Република Македонија на усвојувањето на Извештајот за усогласеност за Република Македонија од Третиот Круг на Оценка (Стразбур, 21-13.03.2012 година).

Извештајот за усогласеност за Република Македонија од 21.03.2012  година, по спроведената постапка за одобрување од Владата на РМ,е објавен на веб страната на ГРЕКО, на 28.06.2012 година и на веб страната на Миинистерството за правда на македонски јазик на 29. 06.2012 година.

 Согласно наведениот Извештај, во поглед на делот на инкриминациите, Македонија  исполнила, на  задоволителен начин, 6 од вкупно 7 зададени препораки на ГРЕКО.

Во правец на  исполнување на препораките на ГРЕКО, Македонија ги има ратификувано меѓународните документи на Совет на Европа за корупција. Во поглед на инкриминациите поврзани со корупцијата,  РМ изврши проширување на кругот на кривичните дела на корупција  или редифинирање на постоечките, со цел за целосна хармонизација со меѓународните документи, предмет на евалуацијата и одржа голем број на обуки од оваа област.

Македонија со последните измени на Кривичниот Законик  од април 2011година, со постоењето на единствена кривична легислатива, претставува пример за добра пракса во правец на создавање на целосна правна рамка, со што се зајакнува начелото на конзистентност, јасност и правна сигурност, наспроти  случаите во одредени држави кои имаат фрагментирано кривично законодавство и кои се одликуваат со комплексност и правна несигурност во оваа област.

Во поглед на Темата за финансирањето на политичките партии,  ГРЕКО вршеше евалуација на главните сегменти на партиското финансирање и тоа транспарентноста, супервизијата и надзорот и системот на санкции. На Република Македонија во овој дел и беа зададени  6 препораки, од кои една е целосно, три се делумно имплементирани,  а две се неимплементирани.

Во правец на исполнување на препораките на ГРЕКО, во тек е постапката за усвојување на Измените и дополнувањата на  Изборниот законик и Законот за финансирање на политичките партии.

Македонија  е во процес на  исполнување на главните препораки на ГРЕКО,  кои се констатирани во годишната анализа на извршените евалуации во 49 држави  во правец на исполнување на општите стандарди  на ГРЕКО за финансирање на партиите, а имено, постоење на задолжителна легислатива за финансирање на партиите, регулирање во исто време и на редовното финансиско работење и финансиското работење  за  време на изборите, воведување на транспарентност на финансиските извештаи, и нивно  временско  објавување и  доставување до надлежните органи компетентни за контрола на финансиското работење, воведување на Државен завод за ревизија (ДЗР) како водечко  тело за ревизија на партиското  финансирање, зголемување на неговите ингеренции во правец на можноста за поведување на постапки за примена на санкциите, воведени  се нови кривични и  прекршочни санкции, како  и постапка за спогодување.

Заклучоците на ГРЕКО во правец на целосно исполнување на препораките се движат во правец на преземање на активности во следните сегменти, со цел за  подобрување на  финансиската дисциплина на партиите, работа на подобрување на обрасците за извештаите кои ќе овозможат целосен увид во финансиите на партиите, обуки во поглед на водењето на финансиските извештаи, потребата од натамошно јакнење на ДЗР како водечко супервизорско тело,  неговите овластувања, ресурси и капацитети  за да врши проактивна и ефикасна супервизија, истрага и извршување на прописите за партиско финансирање, воспоставување на поголема соработка помеѓу сите институции надлежни за  мониторинг  и откривање на финансиските нерегуларности на работењето на партиите, воведување на пофлексибилен систем на систем на санкции за непостапување по финансиските прописи, покрај кривичните и прекршочните санкции да се воведат административни санкции, особено во вид на губење на финансирањето од јавните средства.

Во пресрет на 4-от круг на евалуација на темата Превенција на корупција на членовите на Парламентот (пратениците) и на  судиите и јавните обвинители,од страна на шефот на Делегацијата, преземени се активности во правец на навремено доставување на Прашалникот кој е преведен на македонски  јазик и  информирање на дотичните институции со целта и суштината на следниот круг на евалуација. Истиот, најпрвин ќе започне со службено доставување на Прашалникот на одговор на Република Македонија,  до крајот на годината , како и претстојната оценска мисија од страна на  евалуаторите, кои ќе бидат назначени од Бирото на ГРЕКО.

Имено, со цел за обезбедување на поголема транспарентност и видливост на работата и документите на ГРЕКО, што е и тенденција и на новиот  раководен состав  на ГРЕКО, шефот на делегацијата започна со активности во правец на широка публикација и превод на документите на ГРЕКО,  дистрибуирање на публикации и компилации од разни автори, доставени од ГРЕКО,  до судовите и јавните обвинителства, МВР на РМ, како и другите институции со надлежности во оваа област, со цел за пошироко запознавање на домашната експертска јавност со работата и улогата на ГРЕКО.

За таа цел на веб страната на Академијата,на едно место  ќе бидат објавувани преводи на документи пред сé почнувајќи од внатрешните документи на ГРЕКО, меѓународната првна рамка за борба против корупција објаснување за мисијата и улогата, начинот на работа, значајни публикации од значење за борба против корупцијата, колумни на разни теми од значење за превенцијаи борба против корупцијата, документи на другите меѓународни организации надлежни за борба против корупција и т.н.

Наведените документи ќе бидат објавувани паралелно и на веб страните на Министерството за правда, како и на другите надлежни институции од значење за креирање и спроведување на антикорупциските политики.

 

Г-ѓа Анета Арнаудовска

Шеф на Делегацијата на Република Македонија во ГРЕКО Комитетот при Совет на Европа